Стапувањето во сексуални односи во адолесцентските врски е нормално и пожелно доколку и двајцата партнери тоа го сакаат. Но, донесувањето одлука дали да се има или да се нема секс во тинејџерските години не е едноставно.
Има различни причини зошто некој може да не сака да има сексуален однос. Каква и да е причината, независно како му изгледа некому, таа мора да се почитува и да се постапува во согласност со неа. Лицето има право да реши што ќе прави со себе во согласност со своите моментални стравови, несигурности, уверувања, чувства и состојби.
Важно е да се размисли дали да се има сексуален однос поради чувство на удобност, безбедност, доброволност, задоволство и заштита на своето здравје. Секој треба да влезе во сексуална активност со друго лице доброволно и слободно (со целосна слободна и информирана согласност), а не поради исполнување на очекувањата на врсниците, поради имитација на некои медиумски идоли или поради очекувањата од партнерот/ката. Секој има право да даде или да не даде согласност за сексуален однос, а истовремено секој има одговорност да ја почитува одлуката на другиот. До дознавање на одлуката на другиот најдобро се доаѓа преку искрен разговор, а тие комуникациски вештини и удобноста за нивно водење се стекнуваат со созревањето, но и со искуството.
Последиците од имањето сексуален однос поради притисок може да бидат страшни: чувство на несигурност, изолација, депресија, физичка повреда, несакана бременост, зараза со ХИВ и со други СПИ, итн.
Една од најважните здрави причини да се има сексуален однос, зад кои стои вистинска, автентична желба, е желбата да се даде и да се прими задоволство, да се научи за сопствената сексуалност и за сопствените чувства, да се изрази интимност, поврзаност и љубов.