Не може да забремениш при првиот сексуален однос

Објаснување:

Доколку не се користи контрацепција, може да се забремени и при првиот сексуален однос. Најсигурен начин да се заштитиш од непланирана бременост е употреба на контрацепција. И двата пола се подеднакво одговорни за употреба на контрацепција, нема машки/женски улоги.

Сексуално активните млади лица ја одложуваат употребата на контрацепција најчесто за една до две години од првиот сексуален однос. Токму во тој период се случуваат најголем број од несаканите бремености, од кои половината се случуваат во првите шест месеци.

Сексуално активните адолесценти што не користат контрацепција имаат 90-проценти шанси да забременат во периодот од една година. Младите што користеле контрацепција при првиот сексуален однос и натаму во животот ја користат многу поредовно.

Митови:

  1. Ако ја измијам вагината по сексуалниот однос, нема да забременам.
  2. Не може да се забремени за време на менструалниот циклус.
  3. Ако користам орална контрацепција (пилули) ќе се здебелам, ќе ми растат повеќе влакна и може да добијам рак.

Факти:

  1. Постојат повеќе видови на контрацептивни средства и методи и може да се избере соодветно средство според потребите, животниот стил или здравствената состојба. Миење на вагината по сексуалниот однос не е вид на контрацептивно средство и не го спречува ризикот од несакана бременост. Дури и да е прекинат сексуалниот однос, односно вадење на машкиот полов орган за време на ејакулација (машкото пред да сврши го вади пенисот и ејакулира надвор од вагината), може да дојде до непланирана бременост (и во случај да била измиена вагината по сексуалниот однос). Тоа е така од причина што кај машките постои “предсемена течност”, која машкото не чувствува кога се лачи, а таа може да содржи по некој залутан сперматозоид.
  2. За време на менстуралниот циклус, жените доколку имаат сексуални односи, се повеќе склони кон сексуално преносливи инфекции (СПИ) поради зголемената чувствителност на вагината. Нејзините шанси за бременост се помали отколку во плодните денови, но сепак постојат. Затоа, паметно е да се користи кондом за да имаме двојна заштита – и од несакани бремености и од несакани СПИ.
  3. Меѓу младите постојат голем број предрасуди за негативните ефекти од апчињата. Сепак, тие предрасуди и митови, пред се, се должат на недоволната информираност или на информации што се однесуваат на застарени видови апчиња. Апчињата, покрај тоа што ефикасно ја спречуваат несаканата бременост, имаат и други позитивни ефекти доколку се користат, како на пример, олеснување на проблемите со акните; ефикасно ги ублажуваат симптомите на предменструалниот синдром (ПМС); менструацијата станува редовна, пократка и помалку болна; спречува овулација (ги чува јајце клетките); штити од карцином на ендометриумиот и јајниците и штити од одредени типови рак на матката; штити од воспаленија што може да се јават на различна локализација во женскиот репродуктивен систем; го намалува ризикот од функционални цисти на јајникот. Во секој случај, потребна е консултација и преглед од гинеколог пред да почнат да се користат.

Планирањето на семејството претставува користење различни методи со цел да се предвиди и да се постигне очекуваниот број деца, како и растојанието меѓу раѓањето на децата. Сепак, планирањето на семејството вклучува многу повеќе елементи од само користење контрацепција:

  • Одлука да се има или да се нема секс;
  • Одлука да се има или да се нема деца;
  • Одлука за големината на семејството, односно колку деца да се има и кое да е растојанието меѓу раѓањето;
  • Одлука кој контрацептивен метод да се користи.

Најголемиот дел од младите луѓе, односно адолесцентите, особено во почетокот на адолесценцијата, не планираат да имаат деца, па токму поради тоа за нив е многу важно да одлучат кој контрацептивен метод ќе го користат.

Контрацепцијата, всушност, претставува метод што овозможува да се спречи настанување непланирана бременост. Постојат различни контрацептивни средства, кои функционираат на различни начини. Дел од нив се бариерни, затоа што претставуваат бариера и не дозволуваат сперматозоидите да навлезат во матката и да ја оплодат јајце клетката. Најпознато бариерно средство е кондомот (постојат машки и женски кондом). Тие спречуваат семената течност да навлезе во вагината и оневозможува размена на телесни течности (семена течност и вагинален секрет). Овие методи штитат и од голем број сексуално преносливи инфекции (СПИ). Друг вид методи се хормонските, односно апчињата што функционираат на тој начин што оневозможуваат јајце клетката да излезе од јајникот. Постојат и други видови контрацептивни средства, какви што се: интраутерината влошка (спирала), различни спермициди (гел или крема што ги убиваат сперматозоидите), хормонска налепница и други, кои не се користат толку често од страна на младите. Тие исто така не штитат од СПИ.

За да се избегне несакана бременост, некои двојки користат природни методи: методот на плодни/неплодни денови и методот на прекинат однос. Првиот претставува избегнување сексуален однос во сите денови кога јајце-клетката може да биде оплодена. Вториот претставува прекинување на сексуалниот однос, односно вадење на машкиот полов орган за ејакулација (исфрлувањето на семената течност) да настане надвор од вагината и подалеку од гениталната област. Двата методи не штитат од СПИ, а и се многу несигурни и при заштита од несакана бременост.

Изборот на контрацептивно средство е одлука што зависи од тоа кое од достапните средства е најдобро за користење според потребите, но и според стилот на живот на индивидуите и на партнерите.

Најчесто меѓу младите се користи кондомот како контрацептивно средство, затоа што тој најлесно се користи, но е и најдостапен. Покрај тоа, кондомот е единствено контрацептивно средство што истовремено штити од непланирана бременост и од сексуално преносливи инфекции, вклучително и од ХИВ.

Покрај тоа, за девојките се препорачува користење и на орална хормонска контрацепција, односно апчиња. Тие овозможуваат најголема заштита од непланирана бременост, доколку правилно се користат. Меѓу младите постојат голем број предрасуди за негативните ефекти од апчињата, какви што се, на пример, оние дека дебелеат, дека од нив се добива рак или дека придонесуваат за зголемување на несакана влакнестост. Сепак, тие предрасуди и митови, пред се, се должат на недоволната информираност или на информации што се однесуваат на застарени видови апчиња. Апчињата, покрај тоа што ефикасно ја спречуваат несаканата бременост, имаат и други позитивни ефекти доколку се користат, како на пример, олеснување на проблемите со акните. Но, за да се користи каков било вид хормонска контрацепција, потребна е претходна консултација со гинеколог.

Двојна заштита претставува истовремена употреба на кондом за заштита од СПИ и на некој друг вид контрацептивен метод за да се сведе на минимум можноста за настанување СПИ и несакана бременост (на пример, кондом и орална контрацепција). Ова особено им се препорачува на младите луѓе што не се во стабилна врска и кај кои промената на партнери е почеста.

Понекогаш несакана бременост може да се спречи по незаштитен сексуален однос или пак, неуспешно заштитен однос (пукнат кондом) со употреба на т.н. итна контрацепција, пилула наречена “утро потоа”. Тоа е висока доза хормонален орален контрацептив кој се зема во вид на две таблети во првите денови по незаштитениот сексуален однос. Итната контрацепција не смее да се употребува премногу често и треба да биде резервирана само за итни ситуации.

Употребата на контрацепција кај адолесцентите е недоволна од многу причини, меѓу кои е и стравот од несакани дејствија. Според СЗО, адолесцентите може да ги користат сите методи, без ризик од нарушување на нивното физичко здравје, особено поради фактот што кај нив ризикот од несакана бременост е најголем. Одлуката за користење контрацепција, но и нејзината употреба, секогаш е одговорност и на двајцата партнери.

Дополнителни информации...

Наскоро

Публикации...