Во Македонија не постојат малолетнички договорени бракови

Објаснување:

Иако не се честа појава, во Македонија сè уште постојат и поминуваат неказнето договорените малолетнички бракови.

Еден пример за нарушување на сексуалните права на младите луѓе е принудување на стапување во договорен брак на малолетни лица.

Сексуалните права не се ништо друго, туку човекови права што се однесуваат на сексуалноста. Тие се вродени (природни) права, како што е и правото на живот, правото на слобода, правото на приватност, на чест, на углед, итн. Исклучително важно за секој човек, особено за младите луѓе, е да можат пред сè, да ја откријат, а потоа и да ја искусат и слободно да ја изразат својата сексуалност на позитивен, задоволувачки и безбеден начин. Сексуалните и репродуктивните права се однесуваат на репродукцијата, како и на репродуктивното и сексуалното здравје. Тие може да се дефинираат како права на секој поединец или на партнери (кои се во брачна заедница, вонбрачна заедница или во некоја друга форма на интимно партнерство), слободно да одлучуваат за својата репродукција и слободно да го планираат своето семејство.

Сексуалните права се препознаени од страна на Светската здравствена организација како клучни за обезбедувањето сексуално и репродуктивно здравје. Тие го вклучуваат правото на избор за стапување во брак и засновање семејство, како и на одлуката дали, кога и на кој начин да се има деца.

Државата како организиран систем, треба да создава услови за слободно изразување и уживање на сите права, вклучително и на сексуалните и на репродуктивните права. Правата може да бидат повредени од страна на едно лице, или пак, од страна на некоја институција или организација. Малолетничките договорени бракови мора да се санкционираат, а државата е потребно да воспостави целосна криминализација на малолетничките бракови односно да не дозволува да се склучуваат бракови меѓу малолетни лица и брак помеѓу полнолетно лице и малолетно лице.

Митови:

  1. Хендикепираните лица не можат (и немаат потреба) да имаат секс.
  2. Абортусот во Македонија е забранет.

Факти:

  1. Лицата со попреченост се поединци со свои уникатни способности, интереси, искуства и аспирации. Лицата со попреченост имаат исти законски права како и сите останати, да живеат заедно, да стапат во брак или да влезат во граѓанско партнерство. Лицата со попреченост како и останатите лица имаат или немаат потреба од сексуални односи. Во зависност од лицето како и кај останатите, постојат различни сексуални ориентации и родови идентитети. Асексуалноста може да биде појава но не е правило.
  2. Абортусот во Македонија е дозволен, но се воведоа ограничувања со кои се потцени капацитетот на жената самостојно да одлучува и со кои нејзиниот живот и здравје се поставени под ризик.

 

Граѓанските аспекти се компонента на ССО која ги запознава младите луѓе со нивните сексуални и репродуктивни права. Особено е важно за секој млад човек да може слободно да ја изрази својата сексуалност на позитивен, безбеден и задоволувачки начин, слободно да одлучува за својата репродукција и слободно да го планира своето семејство.

Сексуалните и репродуктивните права ги дефинираат основните човекови слободи поврзани со сексуалноста на поединецот како личност, на неговата сексуална ориентација, на родовиот идентитет и на сексуалното здравје. Тие претставуваат концепт што е дел од корпусот на личните права и ја опфаќаат сексуалната активност, еротизмот, задоволството, интимноста и репродукцијата. Сите овие аспекти на сексуалноста треба слободно да се изразуваат, бидејќи сексуалните права како природни права се неотуѓиви од самата личност. Државата, како организиран систем, треба да создава услови за слободно изразување и уживање на сите права, вклучувајќи ги и сексуалните и репродуктивните права.

Сексуалните и репродуктивните права се за сите. Така, Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, која е ратификувана од Република Македонија, сосема јасно истакнува дека на овие граѓани мора да им се обезбеди соодветен пристап кон здравствените услуги за сексуално и за репродуктивно здравје.

Репродуктивните права подразбираат почитување на приватноста на личниот и на семејниот живот на секоја индивидуа од страна на сите други индивидуи и од страна на државата. Донесувањето одлуки во врска со репродукцијата не смее да биде подложено на дискриминација по која било основа. Евентуалната принуда или насилство во донесувањето одлуки што се однесуваат на репродукцијата, претставува повреда на репродуктивните права.

Преку изучување на граѓанските аспекти младите се запознаваат со своите сексуални и репродуктивни права и се стекнуваат со вештина на препознавање на прекршувањето на сексуалните и репродуктивни права.

Дознај повеќе од истражувањата за сексуалното и репродуктивното здравје и права на лицата со попреченост и за законот за прекинување на бременост од 2013та година на следните линкови:

http://hera.org.mk/seksualno-i-reproduktivno-zdravje-istrazuvanje/

http://hera.org.mk/zakon-za-prekinuvanje-bremenost-analiza/

Дополнителни информации...

Наскоро

Публикации...