ССО во МКД

Објаснување:

И покрај тоа што во Македонија имаме индикации за влошување на состојбите и поразувачки податоци во однос на сексуалното и репродуктивно здравје, насилството, хомофобијата, непрепознавањето на родовата еднаквост, сепак во формалното образование сеуште не се пронаоѓа предмет ССО.

Според сите податоци, ХЕРА смета дека за да има воведување на сексуално образование во Македонија, според принципите на Рамката за сеопфатно сексуално образование како: сеопфатност, докажани научни сознанија, слободен избор, недискриминација врз родова, етничка или основа на сексуална ориентација, промовирање на родовата еднаквост и земање предвид на развојните капацитети, учеството, потребите и заштитата на децата, треба да се остварат следниве чекори:

  • Министерството за образование заедно со стручната јавност, граѓанските здруженија, како и учениците, наставниците и родителите да изработи стратегија и акционен план за унапредување на образованието за сексуално и репродуктивно здравје, во согласност на препораките на Рамката за сеопфатно сексуално образование.
  • На краткорочен план, Бирото за развој на образованието да обезбеди обука и да го усвои подготвениот Прирачник за наставниот кадар (одговорен за предметот образование за животни вештини) на теми од областа на сексуалното и репродуктивното здравје и права, како и да ги поддржи граѓанските организации во однос на спроведувањето на неформалното сеопфатно сексуално образование.

Митови:

  1. Во Македонија институциите не прифаќаат ССО во формалното образование
  2. Македонското образование го покрива ССО преку предметот Животни вештини

Факти:

  1. Во Македонија постои документ со име “Рамка ЗА ССО”, во која се предлагаат принципи и даваат насоки за воведување на соодветна наставна програма за ССО. Оваа рамка е подготвена од претставници на релевантни институции и претставници од релевантни граѓански организации, согласни за важноста на ССО и тоа:  Министерство за здравство, Министерство за образование, Министерство за труд и социјална политика, Завод за здравствена заштита на мајка и дете, Институт за јавно здравје, Институт за педагогија, Институт за психологија, Институт ЕвроБалкан, Медицинско училиште, Универзитет Саутхтемптон, Национални координатори за СПИ и ХИВ, Светска здравствена организација, УНЕСКО, УНАИДС, УНФПА, Центар за стручно образование и обука, Центар за човекови права и разрешување конфликти, Ромски ресурсен центар, Македонски центар за граѓанско образование, Младинска мрежа на врснички едукатори, Хелсиншки Комитет, Коалиција за здравствени и сексуални права на маргинализирани заедници и ХЕРА.
  1. Животни вештини е предмет кој што се спроведува селективно по одлука на класниот раководител и според избор на една од темите кои овој предмет ги содржи. Една од тие теми е сексуално образование кое покрива теми од областа на СРЗП но обработувањето на овие содржини е оставено на вољата и спремноста на наставникот, времето за реализација е кратко, а информациите се често парцијални и нејасни. Овој предмет нема систем за евалуација. Проблем е и отсуството на стручен кадар и соодветни наставни материјали.

 

По поднесеното барање за пристап до информации до Бирото за развој на образованието, добиен е одговор дека евалуацијата на Животни вештини ќе биде спроведена во текот на 2016 година. Останува да ги видиме резултатите.

Во целиот свет сè повеќе се зголемуваат барањата на младите да бидат признаени како сексуални суштества со експлицитно право на сексуално образование. Македонија не е исклучок.. Барањата за образование за сексуално и репродуктивно здравје произлегуваат од обврските на државите преземени со меѓународните конвенции за човекови права кои ги имаат ратификувано. Комитетите на ОН, кои го набљудуваат спроведувањето на конвенциите за човекови права, го признаваат правото на сексуално образование во контекстот на обезбедувањето на правото на здравје и честопати бараат од државите да имплементираат програми за сексуално образование. На пример, Комитетот на Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените и препорача на нашата држава „да имплементира програми за образование за сексуално и репродуктивно здравје за жените, мажите и адолесцентите за да промовира одговорно сексуално поведение, и за да го обесхрабри абортусот како метод за контрола на раѓањето“.

Една од вообичаените сугестии од страна на Комитетот за правата на детето, е „сексуалното образование да биде вклучено во училишните наставни програми“. Истиот комитет им препорачува на државите да им обезбедат на адолесцентите точни и сеопфатни информации за ХИВ/СИДА, вклучително и на употреба на кондоми во училиштата. Уште во 2000 г. Комитетот за правата на детето и препорача на Македонија „да ги зголеми своите напори за промоција на здравствени политики за адолесцентите и да го зајакне образованието за репродуктивното здравје и за советодавните услуги, меѓу другото во врска со ХИВ/СИДА, СПИ, бременоста кај девојките и абортусот“. Дополнително и Комитетот за човекови права им препорачува на министерствата за образование да обезбедат во училиштата соодветно и објективно сексуално образование во наставните програми.

На оваа линија стојат и препораките кои УНЕСКО ги упати до светските влади, вклучувајќи ја и нашата, со кои се предлага воведување на сексуалното образование врз основа на Насоките за сексуално образование.

Овој документ се заснова на следниве претпоставки:

  • сексуалноста е фундаментален аспект на човековиот живот: ги опфаќа физичките, психолошките, духовните, социјалните, економските, политичките и културните димензии
  • сексуалноста не може да биде разбрана ако се изостави родот
  • разновидноста е фундаментална карактеристика на сексуалноста
  • правилата, според кои се раководи сексуалното однесување, се разликуваат ширум културите.

На одредени однесувања се гледа како на прифатливи и посакувани, а на други како на неприфатливи. Ова не значи дека овие однесувања не се реалност и дека треба да бидат исклучени од дискусиите за сексуалното образование.

Исто така важно е да се потенцираат врските на сеопфатното сексуално образование и остварувањето на Милениумските развојни цели за кои нашата земја е исто така обврзана. Сеопфатната информираност и одлуките кои произлегуваат се директно поврзани со:

  • искоренување на екстремната сиромаштија или глад – милениумска развојна цел број1
  • постигнување сеопфатно основно образование- мил. раз. цел број 2
  • промовирање родова еднаквост и поддржување на жените – мил. раз. цел број 3
  • подобрување на здравјето на мајките- мил. раз. цел број 5
  • борба против ХИВ/СИДА- мил. раз. цел број 6 /8

Освен препораките и документите од меѓународната заедница преку кои Македонија се обврзала да обезбеди пристап до сексуално образование, нашата држава го има предвидено и во домашните документи и тоа:

  • Национална стратегија за сексуално и репродуктивно здравје (2010-2016)
  • Национална стратегија за безбедно мајчинство (2010-2015)
  • Националната стратегија за ХИВ/СИДА, 2012-2016
  • Препораките на Рамката за сеопфатно сексуално образование од (2010)
  • Заклучоците на Комисијата за еднакви можности за пилотирање на сексуално образование и евалуација на предметот животни вештини од 2009 и 2011 година
  • Националната стратегија за млади на Република Македонија (2005-2015)
  • Националната стратегија за млади на Република Македонија (2016-2025)
  • Препораките на Комитетот за економски социјални и културни права од 2016
Дополнителни информации...

Наскоро

Публикации...