Успешноста на програмите за сексуално образование е докажана во бројни наврати, но можеби најиздржана е студијата поддржана од UNESCO која, по евалуација на 87 едукативни програми ширум светот, заклучува дека сексуалното образование има значителни позитивни ефекти врз знаењето, вештините, навиките и сексуалното однесување меѓу општата младинска популација. Постојат различни модели на сексуално образование кои се развиени за да одговорат на локалните потреби. Како најсоодветен за европскиот регион, Светската здравствена организација го препорачува моделот на холистично, сеопфатно сексуално образование кој подразбира многу повеќе од промоција на безбедно сексуално однесување и здравствена превенција и вклучува позитивен пристап на учење за когнитивните, емоционалните, социјалните и физичките аспекти на сексуалноста.
Според сите податоци младите во Македонија не се доволно информирани за нивното сексуално и репродуктивно здравје. Информираноста оди во пакет со пристапот до услуги односно достапен гинеколог во секоја општина или достапно контрацептивно средство на позитивната листа. Кога би го подобриле пакетот би ја подобриле и состојбата со сексуалното и репродуктивно здравје во Македонија. Еден од главните чекори потребни за да ги подобриме пакетот и состојбата е Сеопфатното сексуално образование.
Освен придобивките за личното и јавното здравје, добро структурираното и спроведено ССО влијае и на пошироки индивидуални и општествени цели, како на пример:
- Придонесува кон толерантно општество во кое се почитува различноста, животните стилови, ставовите и вредностите.
- Промовира почитување на родовата и сексуалната различност.
- Овозможува информирани избори со разбирање на одговорноста кон себе и другите.
- Формира свесност за човековото тело, развојот и функциите, посебно од аспект на сексуалноста.
- Овозможува развој на луѓето како сексуални битија кои можат да ги изразуваат чувствата и потребите, да уживаат во сексуалноста и слободно да го развиваат сопствениот родов и сексуален идентитет.
- Обезбедува соодветни информации околу физичките, когнитивните, социјалните, емоционалните и културолошките аспекти на сексуалноста, планирањето на семејство и превенција на СПИ, ХИВ и сексуалното насилство.
- Ги обезбедува неопходните вештини за уживање во сексуалноста и врските.
- Информира за постоењето и пристапот до советодавни и здравствени услуги за прашања и проблеми поврзани со сексуалноста.
- Ја разгледува сексуалноста во контекст на различни вредности и норми поврзани со човекови права и овозможува формирање на сопствени критички ставови.
- Овозможува градење на рамноправни (сексуални) врски базирани на взаемно разбирање и почитување на потребите и границите, без злоупотреба и насилство.
- Оспособува за комуникација околу сексуалноста, чувствата и врските со соодветен јазик.
Истражувањето спроведено од страна на ХЕРА и Центарот за стручно образование и обука утврди дека во Македонија:
- Темите род, прв сексуален однос, сексуална ориентација, употреба на орална контрацепција се најмалку обработувани
- Загрижува општиот заклучок дека учениците и ученичките од албанската заедница имаат поограничен пристап до овие информации. На пример ако на биологија 24% од македонските ученици изјавиле дека учеле за употреба на кондом, овој процент кај албанските паралелки е 13%
Овие состојби директно влијаат на животот на младите во Македонија, односно сексуалното и репродуктивното здравје на младите е загрозено
- Идентификуван е пораст на насилството меѓу младите
- Не се преземаат никакви мерки за остварување на родовата еднаквост
- Во општеството и во улиштата се поттикнува и се подржува хомофобијата
Конвенцијата за правата на детето истакнува дека младите имаат право „да побараат, примаат и да бидат снабдени со информации кои ќе им помогнат да го унапредат своето здравје” (член 13)
Младите во Македонија имаат право на сеопфатно сексуално образование поради сознанијата дека воведувањето на сеопфатното сексуално образование во училиштата значително ќе влијае на подобрување на здравјето на младите, на развивање на способностите за ненасилно изразување на своите вредности и ставови, но и дека постои аргументирана економска исплатливост од неговата примена.
Државите каде што има сеопфатно сексуално образование во училиштата, покажуваат дека сеопфатното сексуално образование е превентивна мерка во однос на сексуалното и репродуктивното здравје на младите и придонесува кон:
- одложување на започнувањето со сексуална активност
- зголемување на способноста за носење на информирани одлуки и намалување на предрасудите
- зголемување на употребата на контрацепцијата и на кондомот кај сексуално активните адолесценти
- унапредување на нивното сексуално и репродуктивно здравје и здравјето воопшто поодговорно сексуално однесување и понатаму во животот
- развивање на позитивни ставови и вредности
Во истражувањето за ефектот на неформалното сеопфатно сексуално образование спроведено во 2015 година се потврдува дека:
- Врсничката едукација за ССО довела до очекувана промена на ставовите на учесниците во наставата:
Врсничката едукација за ССО довела до подобрување на информираноста на учесниците во наставата.


