Во Македонија сите имаат право да ги посетат своите партнери и партнерки додека се во болница

Објаснување:

Во Македонија само оние кои се хетеросексуални имаат право да ги посетат своите партнери додека се во болница.

Лицата со нехетеросексуална ориентација во секојдневието често се среќаваат со отфрлање од околината токму поради тоа, и покрај тоа што поседуваат други квалитети кои се релевантни за прифаќањето. Сексуалната ориентација на овие лица воопшто не загрозува кого било – како и хетеросексуалната ориентација, така и оваа е дел од интимниот живот на нејзините припадници и не е поврзана со други квалитети потребни за меѓусебно прифаќање, третман на еднаквост и уживање на човековите права.

Најчесто поради непознавање на фактите, многу луѓе чувствуваат страв, антипатија, или дури и омраза кон лицата со нехетеросексуална ориентација (тоа се нарекува хомофобија кога е насочено кон лица со хомосексуална ориентација), а тоа е основа и за манифестирање дискриминација кон нив (нивно нееднакво третирање во еднакви услови за сите). Нивното манифестирање може да биде на најразлични начини, како од индивидуи или од групи, така од институции или држава: од упатување погрдни имиња, социјално исклучување, па сè до разни форми на насилство.

Митови:

  1. Хомосексуалците можат да се препознаат по надворешниот изглед.
  2. Ако машко се фемка сигурно е педер.
  3. Хомосексуалноста е вид „мода“ донесена од западните земји.
  4. Хомосексуалноста е болест.

Факти:

  1. Ова е често распространета предрасуда дури и меѓу лицата што не се хомофобични. Ниту секој маж хомосексуалец мора да е „феминизиран“, ниту секоја лезбијка мора да е „машкоданка“ и обратно. Донесувањето одлука базирана на надворешниот изглед може да доведе до многу недоразбирања, но, исто така, тоа претставува прв сигнал за можноста оној што е уверен дека може „да ги препознава“ хомосексуалците да биде неинформиран или да има предрасуди кон ЛГБТ лицата.
  2. Сексуалната ориентација не е поврзана со надворешниот изглед, бојата на гласот и големината на човекот. Хомосексуалците како и хетеросексуалците ги има со секакви карактеристики и изглед.
  3. Во многу општества во развој каде што доминираат патријархални вредности, ова уверување е мошне широко распространето. Логиката на резонирање што стои зад ова уверување е дека хомосексуалноста не е природна појава, туку е еден вид социјална болест или зло, која западните земји ја распространуваат за да ги растресат темелите на кои се заснова поредокот. Слично на ова, може да се верува и дека хомосексуалноста е избор, односно слободно донесена одлука на поединецот за да биде авангарда или да добие некаква корист од тоа. Иако постојат индиции дека правењето избор во сосем малку случаи може да биде дел од развојот на сексуалниот идентитет, многу е проблематично ова да се генерализира. Напротив, водечки студии за развојот на нехетеросексуалниот идентитет заборуваат за тоа дека избирањето на сексуалната ориентација е невозможно.
  4. Врз основа на бројни истражувања, утврдено е дека хомосексуалноста е нормална варијација на човековата сексуална ориентација, а не психопатолошка состојба. Иако на почетоците на борбата за правата на ЛГБТ-популацијата се чинело дека третирањето на хомосексуалноста како болест е пожелно (за да се избегне казнувањето, со оглед на тоа што болеста не е избор), наскоро станало јасно дека ова не само што не и одговара на реалноста, туку и резултира со негативни последици по ЛГБТ-популацијата. Една таква негативна последица е стигматизацијата дека хомосексуалноста е девијантна, ненормална, а друга е принудувањето на хомосексуалците „да се лечат“ за да станата хетеросексуални. Во седумдесеттите години на минатиот век американската асоцијација на психијатри, врз основа на насобраните научни истражувања, констатира дека нехетеросексуалните лица не се ниту ментално болни, ниту пак, нивното однесување може да се третира како сексуална изопаченост, па затоа хомосексуалноста е исфрлена од класификацијата на ментални заболувања. Дваесетина години подоцна, во 1990, Светската здравствена организација исто така официјално потврдува дека хомосексуалноста не може да се третира како заболување, а во 2001 кинеската асоцијација на психијатри го потврдува истото.

 

Уверувањето дека хомосексуалноста е болест е крајно стигматизирачка и, што е најважно, содржи во себе очекување дека состојбата треба да се лечи, односно дека е нужно однесувањето да се промени за да се постигне состојба на ментално здравје.

Правото на слободен избор е едно од основните човекови права, па така правото на слободен избор на својот партнер/ка или идентитет е исто така човеково право. Многу ставови во врска со лицата чија сексуална ориентација не е хетеросексуална или пак родовиот идентитет не им е во склоп со стандардите кои ги наметнува општеството, се градат врз основа на дезинформации, полувистини или пак на намерно искривени “факти“. Сексуалната ориентација, било тоа хетеросексуална, хомосексуална, бисексуална или асексуална, не може избере, да се наметне, па поради тоа не може ни да се промени. Таа може само да се потисне, но по цена на сериозни психички и телесни последици.

Постојат многу предрасуди поврзани со ориентациите што не се хетеросексуални. Тие служат за стигматизација (осудување) на лицата со нехетеросексуална ориентација. Овој систем на погрешни уверувања служи за одржување на хетеронормативноста, односно на уверувањето дека единствена нормална сексуална ориентација е хетеросексуалната и дека здравите, нормални индивидуи нужно и припаѓаат на една од двете бинарни категории: или се мажи со маскулина родова улога, или жени со женска родова улога. Се што отстапува од ваквата категоризација се смета, повеќе или помалку, за девијантно, нездраво, па дури и одвратно.

Хомофобијата е ирационален страв, проследен со предрасуди и дискриминирање на лицата што се хомосексуалци. Во Универзалната Декларација за човековите права се тврди дека сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и по права. Значи без разлика на сексуалната ориентација, луѓето се еднакви меѓу себе и треба да имаат еднакви можности. Младите треба да научат дека со дискриминацијата по било кој основ, па и по основ на сексуална ориентација претставува кршење на човековите права.

Дополнителни информации...

Наскоро

Публикации...