Не ме чеша, немам црвенило, немам рани – сигурно немам инфекција!

Објаснување:

Отсуството на симптоми како што се чешањето, црвенилото или раничките не значат и отсуство на некоја сексуално пренослива инфекција (СПИ).

Најчесто сексуално преносливите инфекции не пројавуваат никакви симптоми, а бројот на новоинфицирани со СПИ меѓу младите во Македонија е во постојан пораст. Најсигурен начин да бидеме сигурни дали сме или не сме носители на некоја сексуално пренослива инфекција е со редовна посета на гинеколог, уролог или дерматовенеролог.

СПИ можат да ги стекнат и да ги пренесат и двата пола еднакво, без оглед на нивната сексуална ориентација. Доволен е само еден незаштитен сексуален однос за пренос на СПИ. За нивно спречување потребно е користење кондом при секој сексуален однос!

Митови:

  1. Домашните, односно народните и природни лекови се најдобри за лекување на СПИ како што се: вметнување на лук во вагината; ставање кантарионово масло на тампон; ставање јогурт на влошка или тампон; плакнење на вагината со раствор од јаболков оцет и вода и сл.
  2. Тестирањето за СПИ е комплицирано и страшно
  3. СПИ поминуваат сами од себе
  4. Ако јас имам СПИ само јас треба да се лекувам, а партнерот не

Факти:

  1. Само доколку се лекувате правилно со совет и третман добиен од лекар може да ги излекувате сексуално преносливите инфекции, да ги намалите симптомите и да ги ставите под контрола инфекциите. Домашните лекови не само што не се ефикасни, туку можат и да му наштетат на вашето здравје, затоа што погрешно лекување може да предизвика компликација на инфекцијата и влошување на состојбата, а тоа да предизвика понатаму посериозни компликации како неплодност, карцином на грло на матка, а во краен случај компликациите можат да доведат и до смрт.
  2. Тестирањето за СПИ е сигурно, доверливо, брзо и не е болно. За некого може да е малку непријатно искуство, но не е страшно. Во зависност од инфекцијата постојат различни методи преку кои можат да се откријат СПИ, а тестирањето е слично кај мажите и кај жените. За да се открие дали имаме некоја СПИ потребно е целосно испитување на видливите симптоми на инфекцијата, тестирање на урина, тестирање на крв, земање на брис од уретрата, раните или плускавците и/или земање на брис од грлото или ректумот (поретко). Кај жените пак тестовите и испитувањата можат да вклучат и гинеколошки преглед и земање на брис од вагината или од грлото на матката.
  3. СПИ не поминуваат сами од себе. Потребно е лечење на инфекцијата, а навременото откривање и соодветното лекување е најдобро за да се стават под контрола симптомите на оние СПИ кои не можат да се излекуваат во целост, да го забават текот на болеста, или целосно да се излекуваат.
  4. Иако СПИ може да се појави или да даде симптом само кај еден од партнерите, особено е важно лекувањето да биде кај двата партнера истовремено и понатамошна редовна употреба на кондом за да се спречи повторна инфекција.

Сексуално преносливите инфекции (СПИ) се инфекции кои, најчесто, се пренесуваат преку незаштитен сексуален однос (вагинален, анален и орален), преку контакт од кожа на кожа (за време на предигра, галење и/или допирање) како и делење на секс играчки. Во светот постојат 30 различни бактерии, вируси и паразити кои можат да бидат пренесени преку сексуален пат. Најчестите состојби кои ги предизвикуваат се: гонореја, кламидија, сифилис, трихомонас, генитален херпес, кандида, ХПВ (хуман папилома вирус), генитални брадавици, ХИВ, Хепатит Б и Ц и др. Дел од овие инфекции (на пр. ХИВ и хепатит Б) може да бидат пренесени и од мајка на дете, како и по крвен пат. Луѓето не мора да имаат многу сексуални партнери за да се инфицираат со СПИ. Повеќето СПИ може да бидат излечени. Колку порано се открие присуството на некоја СПИ, толку и ќе биде поефикасен третманот. Некои инфекции, како на пример ХИВ, гениталните брадавици и гениталниот херпес, засекогаш остануваат во телото на човекот. Но, сепак со постоечките лекови симптомите на овие инфекции може да се намалат. Лековите, исто така, може да го превенираат или одложат појавувањето на компликации кај ХИВ инфекцијата.

Не секој кој е носител на СПИ задолжително пројавува симптоми. Всушност, најчесто симптомите и не се појавуваат. Симптомите може да се појават по неколку недели, месеци или пак воопшто да не се појават, а лицето да ја пренесува инфекцијата на други.

Типичните симптоми на СПИ се:

  • Невообичаен исцедок од вагината/пенисот
  • Печење или чешање при мокрење
  • Чешање, осип, брадавички, плускавци во делот на гениталиите или анусот
  • Болка или крвавење за време на сексуален однос
  • Крвавење помеѓу две менструации
  • Крвавење по сексуален однос
  • Болка во тестисите
  • Болка во долниот дел на абдоменот

Во секој случај (дури и да ги немате овие симптоми), убаво е да се обратите на лекар ако:

  • Сте имале незаштитен секс со нов партнер
  • Имате сексуален партнер кој покажува некој од симптомите
  • Планирате да имате дете
  • Доколку сакате да бидете сигурни дека немате инфекција

НЕ ЗАБОРАВАЈТЕ!!! Ако се појави некој од горенаведените симптоми задолжително обратете се на лекар. Нетретирањето (нелечењето) на СПИ може да предизвика сериозни последици по вашето здравје.

Единствената превенција од СПИ е користење на КОНДОМ!

Во младинските центри на ХЕРА – „Сакам да знам“ можете да добите бесплатни и доверливи гинеколошки и дерматолошки прегледи и советувања.

Повеќе информации на телефонските броеви:

Водно 02- 3176 950

Шуто Оризари 02- 2651- 955

Дополнителни информации...

Наскоро

Публикации...