Жените се генерално полоши возачи од мажите

Не се работи за тоа дека пенисот или вагината имаат влијание на нашите способности да сфатиме што е куплунг, да менуваме брзини или да паркираме паралелно. Не се работи ни дека ориентацијата во простор и техничките науки е поврзана со биолошките обележја на мажите , а нежноста, балетот и мултитаскингот се поврзани со оние на жените.

Возењето и вештините не доаѓаат од нашето тело и гениталиите, туку доаѓаат од средината и нашите учења. Кога се раѓаме првото прашање што се поставува е дали е женско или машко? За да одбереме боја на собата, да одбереме играчки, да одбереме пакет на вештини кои ќе ги пренесеме врз основа на тоа кој пол е бебето.
Момчињата вообичаено се насочени кон игри кои вклучуваат динамика, мобилност, истражување и ориентација во просторот, возење колички, учење од таткото додека ја поправа колата. Девојчињата вообичаено се насочени кон игри кои вклучуваат нега, нежност, убавина, како мајката готви во кујната и обично се сите статични. Според насоката во која децата се развиваат, исто така и различни вештини се развиваат. Дури и во домот да имале можност да изберат игри и да не биле насочени кон еден пакет, во моментот на социјализација од страв да не изгубат статус кај другарчињата или да се случи да не припаѓаат, се откажуваат од игрите кои се типични за спротивниот пол. А со тоа како момчиња и девојчиња се насочуваат кон развивање на различни вештини. Истите не се фиксни и секако дека е возможно да се развијат и понатаму, но и притисокот на што можеме и не можеме како мажи и жени е огромен.

Мажите не смеат да покажат слабост, мора да бидат силни, успешни и бркајќи ги овие услови порано умираат и имаат генерално поголеми проблеми со стрес кој влијае на здравјето. Жените, пак, треба да бидат убави, средени, депилирани, грижливи, мајки, а се останато е споредно, затоа и се негативно перцепирани доколку имаат голем број сексуални партнери или како наметливи доколку немаат подреден карактер. Самиот факт дека сѐ уште главната навреда за едно машко е „да биде жена”, кажува колку на потсвесно ниво сме учени дека жена е нешто помалку вредно, помалку храбро, помалку ценето.

Да се вратиме на нашата прва теза: Жените генерално возат полошо од мажите. Ќе речеме дека тоа не е така. Жените генерално оставаат впечаток дека возат побавно од мажите, дека имаат поголема несигурност во возењето од мажите. Но тоа не ги прави полоши возачи. Од друга страна имаме и впечаток дека мажите генерално возат брзо и без да ги почитуваат правилата, односно прават било што ќе им текне на патиштата, но за нив нема да речеме дека се „гуски“ или „кој ти даде дозвола“ , односно генерално за нив и не велиме дека се лоши возачи. Така што најпрво треба да го дефинираме критериумот што значи добар а што значи лош возач. А потоа треба да разбереме дека вештината за возење и ориентирање во просторот не се развива според биолошките карактеристики.

Митови:
1. Прав маж не плаче, жена што драми сигурно е во ПМС.
2. Машко е ма, остави го. Девојче си, не е убаво така.

Факти:
1. Емоциите немаат род. Човечки е да се чувствуваш тажен, среќен, лут, заљубен, бесен, кој род и да си. Емоциите можат да зависат од повеќе фактори како кај мажите, така и кај жените. Плачењето не не прави помалку мажи, како што ни ПМС-от не е секогаш причина поради која жените се вознемирени. Искажувањето на емоциите е здраво, а нивното потиснување може сериозно да го наруши нашето здравје без разлика на кој род припаѓаме.

2. Игнорирањето и одобрувањето на лошите постапки на момчињата и замолчувањето и засрамувањето за постапките на девојчињата уште од мали нозе, се темелите на градењето родово нерамноправно општество. Двете постапки се штетни и по момчињата и по девојчињата.

Дополнителни информации...

Наскоро

Публикации...